Со манифестацијата „Прличеви беседи 2010“, денеска и утре во Охрид ќе се одбележи 150-годишнината од овенчувањето на Григор Прличев со венец за поемата „Сердарот“ во Атина како и 117 години од неговата смрт. Чествувањето почнува денеска напладне, со свеченост посветена на лауреатот, поетот Михаил Ренџов, добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2009 година. Манифестацијата опфаќа и изложба на ликовни дела од колекцијата на охридскиот Центар за култура, како и промоции на книги. Утре пак, ќе се одржи панихида на гробот на поетот, а во неговата родна куќа ќе се беседи за неговото дело.
Комбинација од музика, театар и танцување е новиот копродукциски проект „Песни за Марија“, на кој деновиве интензивно се работи во Македонскиот народен театар. Станува збор за копродукција со театарот „Нојкелнер опер“ од Берлин. Претставата е работена по текст на Дејан Дуковски, а е во режија на Санди Лопичиќ. Премиерата на претставата е закажана за 8 април, на отворањето на европскиот фестивал за алтернативна опера „Опен оп“ во Берлин.
Претставата „Суд“, работена по текст на Коле Чашуле, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, вечерва премиерно ќе биде изведена на сцената во Македонскиот народен театар. Во екипата на оваа претстава има пет млади актери и тоа: Славиша Каевски, Гораст Цветковски, Сашко Коцев, Борче Начев и Оливер Митковски. Сценографијата за претставата ја изработи Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, а музиката е дело на Марјан Нечак.
Од 11 до 14 февруари, во киното „Фросина“ ќе се прикажува српскиот филм „Св. Ѓорѓија ја убива ламјата“, кој својата премиера ја имаше на фестивалот „Синедејс“. Станува збор за филм кој во последниве години во Србија се смета за најамбициозна и најскапа продукција. Во него играат Лазар Ристовски, Наташа Јањиќ, Бора Тодоровиќ и други, а оваа година тој беше и српскиот кандидат за „Оскар“.
Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва со почеток во 19 30 часот ќе биде отворена самостојната изложба на македонскиот уметник Ѓорѓи Томовски. Делата на Томовски се реализирани во две сликарски техники: масло и мозаик. Со аналитичкиот пристап во сликарството, Томовски ја пренесува на своите сликарски платна средината со која е опкружен, секојдневието, далечни населби, градот во ноќта со сите свои знаци и симболи. Изложбата, која се реализира во соработка со Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, во Куманово ќе биде поставена се до 20 февруари.
|