Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, утревечер со почеток во 20 часот во рамки на Меѓународната Струмичка ликовна колонија ќе биде отворена изложбата на мозаици со наслов „15 години мозаик во Меѓународната струмичка ликовна колонија“. Покрај 45-годишниот јубилеј на ликовната колонија, годинава се одбележува и 15-годишното постојано присуство на ликовни автори кои работат во техниката мозаик. Во организацијата на оваа изложба која инаку ќе биде отворена се до 3 јули, влегуваат Националните установи „Антон Панов“ од Струмица и „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
На сцената на Албанскиот театар од Скопје, утревечер премиерно ќе биде изведена претставата со наслов „Симфонија без оркестар“, работена по текст и во режија на Роберт Будина од Албанија. Станува збор за дело кое ја третира транзицијата во земјите во регионов. Актерската екипа е во состав: Мендим Муртези, Висар Вишка, Муса Исуфи, Вјолца Бектеши, Дрита Карага и Сефедин Шабани. Утревечер претставата ќе се изведе со почеток во 20 30.
Театарот за деца и младинци од Скопје, зеде учество во рамките на седмиот по ред Европски Фестивал на куклени театри кој се до 23 јуни ќе се одржува во Поградец, Албанија. Нашиот театар ќе настапи утревечер, изведувајќи ја претставата со наслов ,,Попот и неговиот слуга Будал“ од Пушкин а во режија Боњо Лунгов. Во неа играат: Драган Довлев, Владимир Лазовски, Татјана Кочовска, Предраг Павловски и др. Преводот и препевот е на Петре М. Андреевски, сценографијата е на Хана Шварц, костимите на Александар Ношпал додека пак музиката е дело на Љупчо Мирковски.
Во еден од изложбените салони во Стокхолм, деновиве е отворена изложбата на македонската ликовна уметница Христина Ивановска. Изложбата, која воедно е и прво самостојно изложување на авторката во овој град, е насловена „Слободата е секогаш слобода за оние кои размислуваат поинаку“. Истата била отворена со перформансот на авторката со наслов „Супа од камен“. Инаку претставените дела кои говорат за поставеноста на единката во општеството и нејзините ограничувања и слободи, за посетителите ќе бидат достапни се до почетокот на месец август.
Со концерт на македонската група „Bei the Fish“, утревечер со почеток во 21 часот ќе биде отворена летната сцена на Македонскиот народен театар во Скопје. Целта на проектот е да се направи активна културна сцена на која ќе се случуваат најразлични културни настани и манифестации во текот на летниот период. Најавено е гостувањето на Фолтин, Стринг Форсис, Али Баба и Сефедин, изведба на музика од театарски дела како и изведување на претстави работени од страна на студентите од Факултетот за Драмски уметности од Скопје. Летната сцена на Македонскиот Народен Театар ќе трае се до 15 јули, а истата ќе продолжи и од 15 август а ќе заврши со отворањето на зимската сезона.
Во просториите на Културниот центар „Точка“ во Скопје, утревечер во 20 30 ќе биде одржана јавна презентација на колективот субРоса од САД. Покрај прикажувањето на резултатите од работилницата, како дел од настапот, субРоса преку видео проекција на својата уметност ќе одржат и предавање за скорешните трендови во тактичките медиуми. Целиот проект е во организација на press to exit project space и Факултетот за комуникации и медиуми, при Њујорк универзитетот од Скопје.
|